ГОЛЕМ УСПЕХ НА МАКЕДОНСКИОТ ХЕМИСКИ ОЛИМПИСКИ ТИМ: ОД ТАЈЛАНД СЕ ВРАЌААТ СО БРОНЗЕН МЕДАЛ

 

Македонскиот хемиски олимписки тим се закити со бронзен медал на 49-та Интернационална хемиска олимпијада 2017 (International Chemistry Olympiad IChO-2017) која се одржа во Натхон Патхом, Тајланд. Ова е најдобар резултат досега, а бронзениот медал го освои Филип Трајковски, ученик во скопската гимназија „Раде Јовчевски- Корчагин“. Во тимот се и учениците Антонио Андоновски, исто така од Корчагин и Магдалена Златанова од „Јахја Кемал“, Струмица и Едита Битиќи од „Јахја Кемал“, Скопје. Учениците, заедно со претставниците од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и менторите, доцент д-р Миха Буклески и професор Д-р Слоботка Алексовска, од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје ги почнаа подготовките уште во декември 2016 година. Патувањето на учениците беше неизвезно бидејќи МОН не обезбеди финансии, а имаше и проблеми и со визите. Институтот за хемија ги покри сите трошоци за подготовка на ученците за теоретскиот и за практичниот (експериментален) дел.

- Како прва пречка се јави финансирањето и обезбедување спонзорство. За разлика од минатите две години, овој пат Министерството за образование и наука не успеа да обезбеди спонзор кој ќе ги покрие трошоците за пат и котизација. Како резултат на тоа, СХТМ беше принуден за краток период да успее да најде спонзори. Беа доставени преку 60 барања за спонзорство до компании со различни дејности, но малкумина одговорија. Неизвесноста траеше до последен момент кога една недела пред почетокот на олимпијадата беа собрани ¾ од потребните средства – велат од СХТМ.

За среќа надминат беше и проблемот со визите, па учениците заминаа на Олимпијадата, со еден ден задоцнување.

Инаку, Македонија учествува на овој натпревар од 2013 година, а СХТМ е предводник на тимот од 2015 година. Селекцијата на учесниците за Олимпијадата се прави од учесниците на државниот натпревар по хемија кои претходната година постигнале најдобри резултати.

 

Соопштение за учество на македонскиот тим на IChO2017    

Меѓународната олимпијада за хемија (International Chemistry Olympiad, IChO) оваа година ќе се одржи  во Бангкок, Тајланд, од 6 до 15 јули 2017 година (icho2017.sc.mahidol.ac.th/).

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и оваа година, како и претходните две, од најдобрите ученици на државниот натпревар избра екипа за овој најпрестижен светски натпревар по хемија, која интензивно се подготвува на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје да ја претставува Македонија на овој собир. Тимот е составен од 4 ученици и 2 ментори и оваа година тоа се учениците:

  • Филип Трајковски, IV година, СУГС Раде Јовчевски Корчагин, Скопје
  • Антонио Андоновски, III година, СУГС Раде Јовчевски Корчагин, Скопје
  • Магдалена Златанова, III година, ПСУ Јахја Кемал, Струмица
  • Едита Битиќи, IV година, ПСУ Јахја Кемал, Бутел, Скопје

и менторите Миха Буклески и Слоботка Алексовска од Институтот за хемија, ПМФ, Скопје.

Да им посакаме среќа и успех!

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија се заблагодарува на сите кои одговорија на повикот да го помогнат учеството на нашиот тим на IChO2017 со донирање на средства за авионските билети и ги повикува сите општествено одговорни компании да придонесат за нашето учество на овој најголем светски натпревар по хемија за ученици.

 

Спонзори

 

Вести