Натпревари по хемија - основно - 2019/2020

Соопштение
23.03.2020

Почитувани ученици и ментори,

На територијата на цела држава е прогласена вонредна состојба на 18.03.2020 година во времетраење од најмалку 30 дена. Заради неизвесноста на ситуацијата со ширење на COVID-19 вирусот и почитување на мерките за намалување на ризикот од ширење на истиот, закажаните термини за регионалниот и државниот натпревар по хемија за учениците од основното и средното образование ќе бидат поместени.

Натпреварот по хемија ќе се одржи во моментот кога ќе се создадат услови за тоа. Здруженијата по хемија, биологија, физика, математика и информатика, акредитирани од МОН за организација и реализација на натпревари, се во координација за идните чекори. 

Ве молиме за трпение и разбирање и остануваме во комуникација за сите идни чекори. 
Најважни се безбедноста и здравјето на секој од нас!

Срдечен поздрав и останете дома!

Соопштение
2.03.2020

Почитувани ученици и наставници,

конечниот список на ученици кои ќе се натпреваруваат на регионалниот натпревар е даден ТУКА, а листата на ученици кои ќе добијат дипломи, сертификати и пофалници од општинскиот натпревар може да се види ТУКА (отпечатените дипломи, пофалници и сертификати ќе бидат поделени за време на регионалните натпревари).

На регионалниот натпревар ќе има прашања и од дополнителниот материјал кој ја следи наставната програма:
за 8 одделение
- Валентност и номенклатура (оксиди, киселини, хидроксиди, нормални соли). Од соли потребно е да се знаат само нормални соли. Именувањето треба да биде со примена на правилата за валентност. 
- Од јаглеводороди потребно е да се знае само за алкани – хомологија, изомерија, номенклатура, својства, претставници (оваа тема е само за државен натпревар).
за 9 одделение 
- Основни типови неоргански соединенија (оксиди, киселини, хидроксиди, соли) – состав, поделба, номенклатура, добивање, својства. Не треба комплексни соединенија.
- Поделба на солите: нормални соли, хидроген соли, хидроксид соли, двојни или мешани соли, кристалохидрати.
- Во 9 одд. не е застапена тема од органска хемија во наставната програма, па според тоа теми од органска хемија не се предвидени за тестирање на ученици од 9 одд. 
Како ориентација за длабочината и ширината на знаењата кои се потребни користете ги учебниците по хемија за 7 одд. (Алексовска, Антоновска – стр. 28-31, 54-57, 91–95, 100-138), за 8 одд. (Алексовска – стр. 69-77), 1 год. (Шоптрајанов – стр. 27-31, 135-148) и 2 год. (Шоптрајанов – стр. XII-XIX). Дополнителниот материјал за лабораториски прибор е преземен од книгата „Експериментот во наставата по хемија“, книга 1 од Владимир М. Петрушевски и Методија Најдоски и е даден ТУКА.

Листата на училишта-домаќини за регионалниот натпревар по хемија ќе биде дополнително објавена.

Срдечен поздрав и подготвувајте се,
Секција за хемиско образование при СХТМ,
контакт e-mail: natprevar.hemija.osnovno@gmail.com

Соопштение
27.02.2020

Почитувани ученици и наставници,
Секцијата за хемиско образование при СХТМ им честита на сите ученици кои учествуваа на општинскиот натпревар по хемија за постигнатите резултати. Истовремено се заблагодаруваме на наставниците и тетстаторите кои активно учествуваа во општинските комисии, а особена благодарност изразуваме на координаторите од училиштата-домаќини.

Резултатите од општинскиот натпревар по хемија за учениците од основните училишта одржан на 22 февруари 2020 година (сабота) се сумирани во списокот кој може да се види ТУКА (подредени според регион, општина, категорија и поени). Во него се обоени со зелено учениците кои се пласираат на регионален натпревар по првиот критериум (прво место во својата категорија во општината), а со жолто се обоени учениците кои се пласираат според вториот критериум (освоени поени: најмалку 30 поени за VIII одделение и најмалку 34 поени за IX одделение).

Регионалниот натпревар ќе се одржи на 4 април 2020 година и за тоа ќе бидат контактирани потенцијалните домаќини од страна на СХТМ и навреме ќе бидат објавени информациите.

Срдечен поздрав,
Секција за хемиско образование, СХТМ

Соопштение
24.02.2020

Почитувани ученици и наставници,

Ви благодариме за учеството на општинскиот натпревар по хемија!

Повелете тестови со решенија:
VIII одделение (МК, АЛБ, ТУР, АНГ), клуч
IX одделение (МК, АЛБ, ТУР, СРП), клуч

Резултатите се сумираат и ќе бидат објавени во текот на неделата!

Срдечен поздрав,
СХТМ

 

Соопштение
18.02.2020

Почитувани ученици и наставници,

конечниот список на учесници на општинскиот натпревар по хемија за основно образование, кој ќе се одржи на 22 февруари 2020 година со почеток во 10 часот може да се види ТУКА.
Доколку сте уплатиле котизација, а ве нема во списокот, веднаш приложете потврда за уплата (на e-mail: natprevar.hemija.osnovno@gmail.com) назначувајќи за кој ученик и училиште станува збор најдоцна 19.02 2020 (среда), во 12 часот!
Списокот на местата на одржување на натпреварот може да го видите ТУКА. Во некои училишта, каде што има помалку пријавени ученици, ќе се натпреваруваат заедно основците и средношколците. Им благодариме на колегите-координатори за ангажманот за домаќини на општинските натпревари.
Ви посакуваме среќа на општинскиот натпревар и ве известуваме за 
временскиот распоред на активностите за 22 февруари, 2020:
 9.30 - 10.00 - распоредување на учениците во просториите за натпреварување
10.00 - 11.00 - решавање на тестовите - 60 минути
Учениците по 11 часот се слободни да си заминат. Тестовите со решенија ќе бидат објавени на оваа веб страница по завршувањето на натпреварот во сите општини.
Наставниците се должни да земат учество во општинските комисии и да придонесат за објективно и ефикасно прегледување, а објавувањето на резултатите ќе биде во текот на идната недела, по пристигнување на прегледаните тестови (со затворени коверти) од сите општини. 


Ви посакуваме успех на натпреварот!


Срдечен поздрав,
Секција за хемиско образование, СХТМ

 

Соопштение
12.02.2020

Почитувани ученици и наставници,


конечниот список на учесници на општинскиот натпревар по хемија за основно образование може да се види ТУКА.
Доколку веќе сте уплатиле котизација, а тоа не е означено или пак ве нема во списокот (не сте се пријавиле на време), веднаш приложете потврда за уплата (на e-mail: natprevar.hemija.osnovno@gmail.com) назначувајќи за кој ученик, училиште и одделение станува збор!
Општинскиот натпревар по хемија ќе се одржи на 22 февруари 2020 година со почеток во 10 часот. Списокот со училиштата – домаќини ќе го објавиме дополнително. Во моментов комуницираме со потенцијалните училишта домаќини, а отворен е повикот за пријавување на домаќини за општински и регионален натпревар.

Следете информации и подготвувајте се!

Срдечен поздрав,
СХТМ

Соопштение
04.02.2020

Почитувани ученици и наставници,

заврши пријавувањето за овогодишниот натпревар по хемија за учениците од основните училишта во Македонија во организација на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (акредитирано здружение од МОН).

Им посакуваме успех на пријавените ученици и нивните ментори. Списокот со пријавените ученици е даден ТУКА. Во текот на оваа недела ќе бидат проверени котизациите и следниот понеделник ќе биде објавен конечниот список на учениците кои ќе се натпреваруваат оваа година (доколку сте се пријавиле, а сеуште не сте уплатиле, веднаш сторете го тоа!).

Ве молиме проверете ги податоците за име на ученик и ментор, а особено за категорија и јазик за да нема проблеми при реализацијата на општинскиот натпревар.

Општинскитенатпревари ќе се одржат на 22 февруари 2020 година со почеток во 10 часот во сите општини. Менторите од сите општини ќе бидат контактирани за организацијата на општинскиот натпревар, а заинтересираните училишта може да се пријават за домаќини. Од практични причини, во општините каде има малку натпреварувачи, општинскиот натпревар може да се одржи во средно училиште кое е домаќин на општинскиот натпревар по хемија за ученици од средното образование или пак да се одржи натпреварот за основно и средно на едно место за повеќе општини.

Местата на одржување на општинските натпревари и правилата ќе бидат објавени пред натпреварот.

Подготвувајте се и следете ги информациите!

Срдечен поздрав,
Секција за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија

контакт e-mail: natprevar.hemija.osnovno@gmail.com
web: http://www.sctm.mk/natprevari-osnovno-2020-mk.htm

 

Соопштение
25.12.2019

Почитувани ученици и наставници,
пријавувањето за овогодишниот натпревар по хемија за учениците од основните училишта во Македонија во организација на Секцијата за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (акредитирано здружение од МОН) е отворено.

Формуларот за пријавување може да го пополните ТУКА.

Правилата се дефинирани во Правилникот за организација и реализација на натпреварите (даден подолу), а основните принципи на натпреварите си остануваат исти:
- натпреварот се одржува во 2 категории дефинирани според програмата по хемија за основно образование:  категорија 1 – VIII одделение и категорија 2 – IX одделение;
- право на пријавување за општински натпревар има секој ученик од осмо и деветто одделение од сите основни училишта во Македонија;
- секое пријавено училиште на општинскиот натпревар може да учествува со максимален број ученици од соодветната категорија кој е еднаков на вкупниот број паралелки од таа категорија помножен со 3;
- темите од тековната година за општински, регионален и државен натпревар се дадени во документот Распоред на темите подолу на страницава;
- за регионален и државен натпревар за VIII и IX одделение треба да се совлада и кусиот дополнителен материјал со цел проширување на знаењата (кој ќе биде дополнително објавен);
- пријавувањето го координира наставникoт-ментор, кој пополнува електронска пријава за секој ученик на дадената веб страница (задолжително да се внесат е-mail адреси и од учениците и од наставниците).

Веб регистрацијата ќе биде отворена до 31 јануари 2020 година во 18:00 часот!

За учество на натпреварот се плаќа котизација од 300 денари за секој ученик. Пример за уплатница е даден долу. Внимавајте при пополнување на цел на дознака: Име и презиме на ученикот (натпреварувач), име на училиште и одделение. Уплатата треба да се направи најдоцна до 31 јануари 2020 година.

За уплата со фактура обратете се со барање за фактура на e-mail: natprevar.hemija.osnovno@gmail.com најдоцна до 25 јануари 2020 година и наведете за кое училиште и за кои ученици е фактурата.

ПРИЈАВЕТЕ СЕ И ПОДГОТВУВАЈТЕ СЕ!

Срдечен поздрав и СРЕЌНА, ВЕСЕЛА И УСПЕШНА 2020!
Секција за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија



контакт e-mail:natprevar.hemija.osnovno@gmail.com
web:http://www.sctm.mk/natprevari-osnovno-2020-mk.htm
https://www.facebook.com/sctmacedonia

Соопштение
24.09.2019

Почитувани ученици и наставници,

Оваа година, по јубилеен петти пат, Секцијата за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (акредитирано здружение од МОН) ќе ги организира и реализира натпреварите по хемија за учениците од основното образование.
Во договор со акредитираните здруженија од МОН за организирање на натпревари за учениците од основните и средните училишта по наставните предмети хемија, биологија, физика, математика, информатика и природни науки,
термините за натпреварите по хемија за учениците од основните училишта за 2019/20 година година се:

  • 22 февруари 2020 година – општински натпревари,
  • 4 април 2020 година – регионални натпревари,
  • 15 мај 2020 година – државен натпревар.

Правилата се дефинирани во Правилникот за организација и реализација на натпреварите, а основните принципи на натпреварите остануваат исти.
Веб регистрацијата ќе биде отворена во јануари 2020 година.

ПОДГОТВУВАЈТЕ СЕ И СЛЕДЕТЕ ГИ ИНФОРМАЦИИТЕ!

Во меѓувреме, шест ученици ќе ја преставуваат нашата држава на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, што ќе се одржи од 3 до 12 декември 2019 во Доха, Катар. Во тимот е Теона Кировска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“ – Свети Николе, која освои втора награда на државниот натпревар по хемија. Им посакуваме успех на овие талентирани ученици.

Срдечен поздрав,
Секција за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија

ДОКУМЕНТИ:

26ти Kонгрес на СХТМ

16-19 септември, 2020, Oхрид

Вести