Соопштение
15.09.2019

Сумирани впечатоците од успешните настапи на меѓународните олимпијади по хемија

Задоволство е кога макотрпната работа ќе се закити со успех. Денес (15 август 2019) на Институтот за хемија, СХТМ беше домаќин на сите кои придонесоа за успешно заокружување на натпреварувачкиот дел од 2019 година. Настапите на „Меѓународната олимпијада по хемија“ и „Меѓународната олимпијада Менделеев“ завршија со освојување на три бронзени медали. На настанот организиран од СХТМ и Институтот за хемија беа презентирани успесите и трнливиот пат до Меѓународните олимпијади.           

Особено радува фактот што хемијата и успесите на учениците на хемиските натпреварувања беа причина за средбата која ги обедини претставниците на образовните и научните институции, бизнис секторот, локалната самоуправа, како и дипломатскиот кор. Сите тие помогнаа и придонесоа за реализацијата на „проектот“ - учество на двете најпрестижни олимпијади по хемија.

.

Слика 1. Извештај за успесите од меѓународните олимпијади.

На настанот присуствуваа амбасадорот на Руската Федерација, неговата екселенција Сергеј Баздникин, претставници од компанијата „ЛукОил“, директорот на „Агенција за млади и спорт“, градоначалникот на општина Демир Хисар, претставници од општините Карпош и Гостивар, претставници од „АрсЛамина“, „Фонд за иновации и технолошки развој“ и „Факултети.мк“. Сите тие дадоа свој придонес за учеството на овие натпревари. Секако присутни беа и најзаслужните за овој настан, учениците од македонскиот олимписки тим: Стефан Стојковиќ, Стефан Дамчевски, Александар Трајковски, Руфија Идризовска и Михаил Трајков. До нив беа и одговорните за подготовките – професорите од Институтот за хемија и членови на СХТМ. На поканата позитивно одговорија и советничката по хемија од „Биро за развој на образованието“ и професори од средните училишта. Домаќините, Деканот на Природно-математички факултет - проф. д-р Ицко Ѓоргоски и шефот на Институт за хемија -  проф. д-р Марина Стефова, исто така беа дел од ова едночасовно неформално дружење.

Слика 2. Претседателот на СХТМ, проф. д-р Зоран Здравковски се обрати на присутните, посакувајќи им срдечно добредојде.

Слика 3. Споделување на впечатоците и резултатите.

На почетокот се обрати проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ,  им посака добредојде и изрази благодарност до сите присутни. По кусата презентација на еден од менторите, доц. д-р Миха Буклески за настаните и резултатите поврзани со хемиските олимпијади, претседателот на СХТМ им врачи благодарници на сите „помагачи“ на олимпискиот тим, а веднаш потоа се обрати и амбасадорот Баздникин кој упати честитки до лауреатите, сите членови на тимот и менторите за добро завршената работа. Укажа на важноста и значењето на Периодниот систем на елементите и неговото највисоко место во науката, особено хемијата. Исто така, се осврна и на Mеѓународната година на Периодниот систем и прославата на 150 годишнината од неговото составување од страна на големиот руски хемичар Димитриј Иванович Менделеев.

Слика 4. Присутните имаа можност да се запознаат со начинот на организација и реализација на олимпијадите.

Слика 5. Дел од кадарот на Институтот за хемија.

Слика 6. Претседателот на СХТМ врачува благодарница на претставник од компанијата „ЛукОил“.

Слика 7. Благодарница за придонесот на „Фонд за иновации и технолошки развој“.

Слика 8. Врачена благодарница и на „Агенцијата за млади и спорт“.

Слика 9. Претседателот на СХТМ врачува благодарница на претставник од
Издавачката куќа „АрсЛамина“.

Слика 10. Претседателот на СХТМ врачува благодарница на градоначалникот на општина Демир Хисар.

Слика 11. Обраќање на амбасадорот на Руската Федерација во Скопје, неговата екселенција Сергеј Баздникин.

По завршувањето на официјалниот дел од неофицијалното „кафе дружење“, учениците имаа можност да споделат искуства и впечатоци со сите присутни. Тие останаа да се дружат и меѓусебно, по завршување на настанот.

Слика 12. Тимот учесници на меѓународните олимпијади. Од лево: проф. д-р Наташа Ристовска, доц. д-р Миха Буклески, Стефан Дамчевски, Руфија Идризовска, Александар Трајковски, Стефан Стојковиќ, Михаил Трајков.

Слика 13. Учениците продолжија со дружбата и по завршување на настанот.

И овој пат изостана присуството на претставници од Министерството за образование и наука, кои иако поканети, заради оправдани причини не можеа да присуствуваат. Се надеваме дека во иднина ќе имаме можност за средба и со нив.

Соопштение
30.07.2019

Освоeни два бронзени медали на Интернационалната олимпијада, за успешно завршување на циклусот натпревари за 2019 година

Вчерашната церемонија на свеченото доделување на медалите освоени на „Интернационалната олимпијада по хемија – IChO“ за 2019 година, заврши со освоени два бронзени медали за македонскиот тим натпреварувачи и тоа за Стефан Стојковиќ од Скопје и Стефан Дамчевски од Демир Хисар. По низа организациски проблеми, домаќинот на 51-та олимпијада по хемија го затвори седумдневниот настан во „Куќата на хемијата (Maison de la Chemie)“ во Париз, наместо во седиштето на УНЕСКО.

Овогодинешниот македонски тим за Интернационалната олимпијада го сочинуваа учениците:

  • Стефан Стојковиќ, завршена IV година, СУГС “Раде Јовчевски – Корчагин“, Скопје;
  • Стефан Дамчевски, завршена IV година, ПСУ „Јахја Ќемал“, Струга;
  • Руфија Идризовска, завршена IV година, ПСУ „Јахја Ќемал“, Гостивар;
  • Александар Трајковски, завршена III година, СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар,

заедно со двајца ментори – водичи:

  • доц. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија и член на СХТМ, Скопје;
  • проф. д-р Наташа Ристовска од Институтот за хемија и член на СХТМ, Скопје.

  Шестчлениот тим кој ја претставуваше Македонија на 51-вата олимпијада во Париз.

 

Во подготовките на тимот учествуваа голем број професори од Институтот за хемија и тоа:

  • Проф. д-р Слоботка Алексовска,
  • Проф. д-р Јасмина Петреска-Станоева,
  • Проф. д-р Билјана Пејова,
  • Проф д-р Марина Стефова,
  • проф. д-р Владимир Петрушевски
  • Проф. д-р Јане Богданов,
  • Проф д-р Владимир Ивановски,
  • Технички сораб. Татјана Илиевска.

Во училиштето „Lycée Pierre-Gilles de Gennes“ со прекрасен поглед на целиот Париз и Ајфеловата кула, учениците имаа одлични услови за изработка на пет часовниот експериментален дел и пет часовниот теоретски дел од натпреварот. 309 ученици од 80 земји во светот ги измерија силите, а беа придружувани од 269 ментори, набљудувачи и гости од целиот свет.

Поглед од лабораториите кон центарот на Париз.

СХТМ се заблагодарува на финансиската помош од

  • Агенцијата за млади и спорт,
  • Фондот за иновации и технолошки развој,
  • Арсламина
  • Ремедика
  • Општина Карпош,
  • Општина Гостивар,
  • Општина Демир Хисар,

без чија помош немаше да може да се учествува на оваа олимпијада.

 

По циклусот натпревари за средно училиште, како и селекциите и учеството на Менделеевата Олимпијада, успешно се завршува 2019-тата година со вкупно освоени три бронзени медали за македонскиот тим.

 

Соопштение
26.05.2019

Реализирана последната селекција. Избрани учениците кои ќе се натпреваруваат во Париз

По реализацијата на теоретскиот (22 мај) и експерименталниот дел (23 мај) од селекциониот натпревар, беа избрани четворица ученици кои ќе се натпреваруваат на Интернационалната олимпијада по хемија (International Chemistry Olympiad – IChO) од 21 до 30 јули 2019 година во Париз. Оваа година, 51-вата по ред хемиска олимпијада е најголемата олимпијада по бројот на земји учеснички, но и по бројот на натпреварувачи, гости и набљудувачи. Оваа година во Париз ќе се соберат делегации од 86 држави од целиот свет и вкупно 320 натпреварувачи ќе ги измерат своите сили во однос на знаењето, вештините и способностите да експериментираат и решаваат најразлични хемиски проблеми. Од 86-те држави, право да се натпреваруваат имаат учениците од 80 држави, а другите 6 се земји набљудувачи кои од наредната година ќе имаат можност да испратат тим ученици кои ќе можат да бидат дел од натпреварот.

Слика 1. Држави учеснички на IChO-2019. Со црвена боја се означени 80-те држави кои имаат свои натпреварувачи, додека со сина боја се означени државите набљудувачи.

Процесот на селекција и подготовка на македонскиот тим почнува со завршувањето на државните натпревари, за потоа 10-те најдобро рангирани ученици од секоја категорија (вкупно 30) да бидат поканети да присуствуваат на подготовките организирани од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија - СХТМ. Потоа следува квалификациониот натпревар на кој се одбираат 10-те најдобри ученици. Следува период на подготовки и тоа теориски и експериментални, за на крај преку селекциониот натпревар да се одберат четворицата кои ќе ја претставуваат државата на IChO. Оваа година, по покана на академик Лунин и спонзорство обезбедено од рускиот амбасадор, беше испратен тим и на Меѓународната олимпијада - Менделеев која се одржа во Санкт Петербург. За таа цел, беше организиран и дополнителен натпревар на кој беше составен тим специјално за оваа олимпијада.

Слика 2. Дел од атмосферата на експерименталниот дел на селекциониот натпревар одржан на 23 мај 2019.

Подготовките кои се спроведуваат на Институтот за хемија се долготрајни, темелни и бараат посветеност на натпреварувачите. Оваа година, компетитивноста меѓу учесниците е на мошне високо ниво. Особено добри резултати покажаа учениците кои се втора година во средните училишта. Почнувајќи од октомври 2018, беа одржани преку 200 наставни часа од 7 универзитетски професори од Институтот за хемија кои посветено работеа.

Слика 3. Синтеза на бензоин, експеримент од органска хемија.

На последниот селекционен натпревар, проблемите беа избрани и составени од Комисијата во состав:

  • Доц. д-р Миха Буклески,
  • Проф. д-р Наташа Ристовска,
  • Проф. д-р Слоботка Алексовска,
  • Проф. д-р Јасмина Петреска-Станоева,
  • Проф. д-р Билјана Пејова,
  • Проф д-р Марина Стефова.

Комисијата го спроведе натпреварот кој се состоеше од теоретски и експериментален дел. Ова е конечната ранг листа на сите 8 учесници:

  • Стефан Стојковиќ, IV год. СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје;
  • Стефан Дамчевски, IV год. ПСУ „Јахја Кемал“, Струга;
  • Руфија Идризовска, IV год. ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар;
  • Александар Трајковски, III год. СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар;
  • Михаил Трајков, II год. ССОУ „Димитрија Чуповски“, Велес;
  • Иван Попјанев, II год. СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје;
  • Никола Донов, III год. СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје;
  • Ана Ѓаковска, III год. СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје.

Детален преглед на освоените поени и поединечниот пласман од теоретскиот и експерименталниот дел е даден во табелите.

 

Приказ на освоените поени и уделот на секоја активност во вкупниот број поени (max. 100).

 

присуство

државен

Менделеев

теорија

експeр.

вкупно

 

Име и презиме

2 %

3 %

5 %

50 %

40 %

100 %

1

Стефан Стојковиќ

2,00

3,00

3,19

37,50

23,00

68,69

2

Стефан Дамчевски

2,00

2,60

2,62

29,58

30,80

67,60

3

Руфија Идризовска

2,00

2,87

2,77

30,40

22,20

60,24

4

Александар Трајковски

2,00

2,92

2,21

23,95

25,40

56,48

5

Михаил Трајков

2,00

3,00

2,25

11,40

28,60

47,25

6

Иван Попјанев

2,00

3,00

2,21

16,50

5,00

28,71

7

Никола Донов

2,00

2,53

1,62

8,35

4,60

19,10

8

Ана Ѓаковска

2,00

1,81

1,57

5,50

5,60

16,48

 


Пласман само според теорискиот дел:

 

Име и презиме

теорија

1

Стефан Стојковиќ

75,00

2

Руфија Идризовска

60,80

3

Стефан Дамчевски

59,15

4

Александар Трајковски

47,90

5

Иван Попјанев

33,00

6

Михаил Трајков

22,80

7

Никола Донов

16,70

8

Ана Ѓаковска

11,00

Пласман само според експерименталниот дел:

 

Име и презиме

експер.

1

Стефан Дамчевски

77,00

2

Михаил Трајков

71,50

3

Александар Трајковски

63,50

4

Стефан Стојковиќ

57,50

5

Руфија Идризовска

55,50

6

Ана Ѓаковска

14,00

7

Иван Попјанев

12,50

8

Никола Донов

11,50


 

Република Македонија од 2013 година учествува со тим натпреварувачи на IChO, a од 2015 година СХТМ ја презема организација. Во 2017 година беше освоен првиот медал за Македонија на ова натпреварување, а минатата година на јубилејната 50-та олимпијада, беа освоени два бронзени медала.

Слика 4. Натпреварувачите ги решаваат експерименталните проблеми.

Се надеваме дека оваа година проблемот со финансиите ќе биде полесно надминат, но останува прашањето за систематско решение на овој горлив проблем на СХТМ во однос на финансирањето на олимпијадите. Очекуваме поскоро и праведно решение на овие проблеми и се надеваме дека наскоро МОН ќе излезе со решение кое ќе стави крај на макотрпната борба и тимовите за обезбедување спонзорства.

Слика 5. Експеримент од аналитичка хемија, определување на содржина на бакар и цинк во месинг.

СХТМ им посакува голем успех на четворицата пласирани кои обезбедија место во тимот. Ги охрабруваме сите учесници на оваа селекција да продолжат да се подготвуваат без разлика на нивниот пласман. Следува новиот предизвик за целиот тим - учеството на IChO.

Соопштение
02.05.2019

„Извојуван" бронзен медал во битката на титаните

Во оваа "Битка на титаните" како што ја нарече претседателот на олимпијадата академик Валериј В. Лунин 53-тата Меѓународна олимпијада по хемија – Менделеев, нашиот учесник Стефан Дамчевски успеа да освои бронзен медал. Оваа година Санкт Петербург беше домаќин на 29 држави меѓу кои и „хемиските титани" кои доминираат на хемиската сцена: Русија, Кина, Романија. Конкуренцијата е огромна, а фактот дека од некои силни конкуренти бројот на учесници е поголем (Русија и Украина - 11, Узбекистан и Казакстан - 8), освојувањето медал е исклучително тешка задача. Бројот на учесници на Менделеевата олимпијада е двојно помал во однос на Инатернационалната хемиска олимпијада (IChO), но квалитетот на натпреварувачите на Менделеевата олимпијада е значително поголем во однос на IChO. Според статистичките податоци, 90 % од освојувачите на медал на Менделеевата олимпијада, освојуваат медал и на Интернационалната олимпијада.

Македонскиот тим на церемонијата на отворање на „53-тата интернационална олимпијада по хемија – Менделеев“ (од лево кон десно: Стефан Дамчевски, Руфија Идризовска, Стефан Стојковиќ, Михаил Трајков, Миха Буклески).

Академик Василиј В. Лунин на теорискиот тел од натпреварот.

Што е подостоинствено за одбележувањето на 150 - годишнината на Периодниот систем од освојување на медал во градот каде неговиот креатор живеел и работел?!?

Важно е да се истакне заложбата на рускиот амбасадор во Скопје, неговата екселенција Сергеј Баздникин за обезбедените финансиски средства за учество на оваа олимпијада. Без неговата помош, нашиот тим ученици немаше да може да отпатува за Санкт Петербург. Оваа година, Македонија успешно се враќа на Менделеевата сцена, по 5 години пауза заради финансиски причини. Се надеваме дека во иднина Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), кој е акредитиран за спроведување на циклусот натпревари, ќе добие финансиска помош од надлежните институции за овие активности и финансирањето ќе бидат системски решени.

Во подготовките и изборот на учениците за учество на хемиските олимпијади вклучен е голем тим професори од Институтот за хемија, членови на СХТМ. Дел од нив, врз основа на спроведениот селекционен натпревар, го направија изборот на четирите ученика кои ќе ја претставуваат нашата држава на олимпијадата Менделеев. Избраниот тим се состоеше од учениците:

  • Стефан Стојковиќ, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
  • Руфија Идризовска, ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар
  • Стефан Дамчевски, ПСУ „Јахја Кемал“, Струга
  • Михаил Трајков, ССОУ „Димитрија Чуповски“, Велес

Нашите натпреварувачи на теорискиот и експерименталниот дел.  

Освојувачот на бронзен медал – Стефан Дамчевски со дел од членовите на комисијата.

Подготовките продолжуваат до изборот на тимот за најголемиот светски натпревар по хемија „Меѓународната олимпијада – IChO“. СХТМ им посакува успех на сите ученици кои се подготвуваат за овој натпревар.

Тимот по церемонијата на затворање на Менделеевата олимпијада (од лево на десно: Стефан Стојковиќ, Руфија Идризовска, Стефан Дамчевски, Михаил Трајков, Миха Буклески).

Соопштение
02.03.2019

Составен тимот кој ќе ја претставува нашата држава на Меѓународната олимпијада Менделеев

Денес, по завршување на експерименталниот дел од натпреварот, беа сумирани сите поени и беше составен тимот од четворицата најдобро рангирани ученици кои поминаа низ серија од теориски и експериментални подготовки на Институтот за хемија во Скопје. Почнувајќи од октомври 2018 година, беа одржани точно 150 наставни часа од 7 универзитетски професори од Институтот за хемија. 

Република Македонија за прв пат, организирано, според сите прописи и раководејќи се по протоколот поставен од организаторот на Интернационалната олимпијада Менделеев, ќе учествува на овој престижен натпревар. Инаку, од Република Македонија имало учесник во 2011, 2012 и 2013 година, но учеството било проследено со контроверзии. Според правилата на оваа олимпијада, претставниците од секоја земја треба да бидат избрани на транспарентен начин со организирање државен натпревар на кој имаат право да се пријават сите ученици од средните училишта. По барање на организаторот, членовите на македонската делегација не успеале да обезбедат документ со кој се докажувал начинот на избор на учесникот и соодветна акредитација од надлежните институции. 

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) има акредитација за организирање натпревари по хемија и претставници на сојузот го организираа селекциониот натпревар за избор на четворицата најдобри ученици. На овој селекционен натпревар, претходеше квалификационен на кој од 30-те најдобри ученици (најдобро рангираните на последниот државен натпревар) беа избрани 12. Комисијата во состав:
- Доц. д-р Миха Буклески, 
- Доц. д-р Наташа Ристовска,
- Проф. д-р Слоботка Алексовска,
- Доц. д-р Јасмина Петреска-Станоева,
- Проф. д-р Билјана Пејова
- Проф д-р Марина Стефова
го спроведе натпреварот кој се состоеше од теоретски и експериментален дел. Ова е конечната ранг листа на сите 11 учесници:
1. Стефан Стојковиќ, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
2. Руфија Идризовска, ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар
3. Стефан Дамчевски, ПСУ „Јахја Кемал“, Струга
4. Михаил Трајков, ССОУ „Димитрија Чуповски“, Велес
5. Александар Трајковски, СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар
6. Иван Попјанев, СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје
7. Александар Петрески, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
8. Никола Донов, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
9. Ана Ѓаковска, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
10. Сања Крстеска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
11. Викторија Дунимаглоска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп

Интернационалната олимпијада Менделеев е продолжение на републичкиот натпревар кој се реализирал во рамки на поранешниот Советски Сојуз. По неговото распаѓање, овој натпревар продолжил да се одржува, но во облик на меѓународно натпреварување на кое, освен поранешните Советски републики, право на учество имаат сите земји од светот, но по претходна покана од страна на организаторот. Оваа година се очекува да учествуваат околу 30 земји од Европа, Азија и Блискиот Исток. До сега, освен земјите од „Источниот блок“ учествувале и Турција, Саудиска Арабија и Израел. За разлика од Меѓународната олимпијада по хемија, Менделеевата олимпијада е помалку посетена, а тоа се должи на тежината на проблемите и сериозноста на експерименталните задачи. Натпреварот се состои од два теоретски дела и еден експериментален. Вториот теориски дел е напредно ниво и обработува теми кои не се застапени во наставната програма по хемија за средно училиште. 

Оваа година Менделеевата олимпијада ќе се одржи во Санкт Петербург, Русија од 21 до 27 април. Домаќин може да биде само земја која порано била дел од Советскиот Сојуз. На чело на организацијата стои академик Василиј Лунин, професор на Државниот Московски Универзитет – Ломоносов. По негова покана, Република Македонија ќе учествува на ова значајно натпреварување. Возбудата и одговорноста е поголема имајќи го предвид фактот што оваа година е прогласена за Меѓународна година на Периодниот систем од страна на УНЕСКО, а натпреварот Менделеев е ставен на агендата настани кои влегуваат во одбележувањето на 150 годишнината од составувањето на Периодниот систем на елементите од страна на рускиот хемичар Димитриј Иванович Менделеев. 

За учеството на Менделеевата олимпијада, финансиите ги обезбедени Рускиот амбасадор, неговата екселенција Сергеј Баздникин, кој по средбата со претставници од СХТМ изрази безрезервна поддршка и разбирање за состојбата во која се наоѓа сојузот. Искрено се надеваме дека учеството на оваа олимпијада ќе биде континуирано, а Република Македонија редовно ќе има свои претставници на оваа манифестација. 

СХТМ им посакува голем успех на четворицата прворангирани, кои преку напорната работа и подготовки, успеаа да се изборат за најдобриот пласман. Истовремено ги охрабруваме сите учесници да продолжат да се подготвуваат напорно. Следува нов предизвик за сите 11 учесници.

Соопштение
22.12.2018

Резултати од квалификациониот натпревар

На квалификациониот натпревар кој се одржа денес (22 декември 2018 год.) присуствуваа 19 натпреварувачи кои имаа време од 5 часа да го решат тестот кој содржеше 8 комплексни проблеми од областа на неорганската, органската, аналитичката и физичката хемија. Четиричлената комисија, во состав:
- проф. д-р Билјана Пејова,
- доц. д-р Наташа Ристовска,
- доц. д-р Јасмина Петреска Станоева,
- доц. д-р Миха Буклески,
ги прегледа тестовите и го изврши рангирањето на учениците:

Име и презиме

присуство

тест

вкупно

 

 

5,00

95,00

100,00

1

Стефан Стојковиќ

5,00

78,80

79,86

2

Руфија Идризовска

5,00

61,30

63,24

3

Иван Попјанев

5,00

40,00

43,00

4

Стефан Дамчевски

0,00

42,00

39,90

5

Никола Донов

5,00

36,40

39,58

6

Александар Трајковски

5,00

30,80

34,26

7

Викторија Дунимаглоска

5,00

27,20

30,84

8

Александар Петрески

5,00

24,40

28,18

9

Сања Крстеска

5,00

24,20

27,99

10

Ана Ѓаковска

5,00

23,60

27,42

11

Михаил Трајков

5,00

21,20

25,14

12

Мила Ивановска

0,00

25,80

24,51

13

Стефанија Секулоска

5,00

18,80

22,86

14

Давид Гичев

3,50

16,30

18,99

15

Леонид Сајков

5,00

14,30

18,59

16

Ева Миленкова

5,00

13,20

17,54

17

Теона Тасеска

4,00

10,30

13,79

18

Давид Арсовски

5,00

8,00

12,60

19

Ана Пачемска

3,50

5,00

8,25

По кусата дискусија, комисијата едногласно одлучи, во понатамошните подготовки и процес на селекција, да продолжат 12-те прворангирани ученици. 

Комисијата и членовите на СХТМ им честитаат на сите учесници, воедно потсетувајќи ги дека тие се најдобрите хемичари од средните училишта во Република Македонија и без разлика на пласманот, треба да се горди на денешните постигнувањата.

Со почит,
СХТМ

 

Квалификационен натпревар

Квалификациониот натпревар за избор на тим кој ќе ја претставува Република Македонија на меѓународните натпреварувања по хемија е во тек (22 декември 2018). Оваа година за прв пат СХТМ ќе прати тим натпреварувачи на Интернационалната олимпијада Менделеев што ќе се одржи во април 2019 во Санкт Петербург, Русија и на Интернационалната олимпијада по хемија IChO-2019 во Париз, Франција. 30 натпреварувачи од државниот натпревар по хемија 2018 беа повикани на подготовките на Институтот за хемија кои започнаа во октомври 2018 година.

По изборот на десеттемина најдобро рангирани, ќе се продолжат подготовките во кои ќе биде вклучен дел за развивање на експериментални вештини кај учениците и ќе бидат оспособени да решаваат експериментални проблеми. 

Им посакуваме успех!

 

 

27-ми Конгрес на СХТМ

25–28 септември, 2024, Охрид

Вести